СИНДИКАТ ЗА ТРАНСПОРТ И ВРСКИ

Ние ја движиме Македонија

Продолжува штрајкот во Македонијапат

12.04.2012 Штрајкувачкиот одбор на Македонијапат во присуство на Претседателот и Генералниот секретар на СТВ, одржа состанок на кој се констатира дека претходниот еднодневен протест пред владата не резултира со реализација на барањата на штрајкувачкиот одбор.
Поради тоа Штрајкувачкиот одбор реши да продолжи со генералниот штрајк до исполнување на барањата. Штрајкот ќе се спроведува така што вработените ќе ги извршуваат само минималните потребни активности за безбедно одвивање на сообрќајот по магистралните и регионалните патни правци како што се преглед на делниците, санирање на одроните итн.
Во однос на наредните синдикални активности присутните работници побараа да се изврши блокада на авопатот Табановци – Гевгелија со цел да се принуди Владата на исполување на барањата за исплата на платите и надоместоците.
Штрајкувачкиот одбор сепак оцени дека притисокот врз Владата треба постепено да ескалира и дека сите активности кои ќе бидат преземени од страна на синдикатот ќе бидат во законските рамки. Поради тоа се одлучи наредна активност по велигденските празници да биде нов протестен собир пред Владата на Р.Македонија кој ќе започне на 18.04.2012 во 11:00 часот и нема да биде еднодневен туку ќе биде со неограничено времетраење односно до исполнување на барањата на штрајкувачкиот одбор. Исто така е утврдено дека со оглед на сериозноста на ситуацијата ќе се прифати средба и преговори само со високи функционери на Владата на ниво не помало од Министер.