СИНДИКАТ ЗА ТРАНСПОРТ И ВРСКИ

Ние ја движиме Македонија

Состанок на железничката секција на ЕТФ – Прво учество на Македонски железничари во работата на Секцијата

На 17.09.2013 во Загреб се одржа состанок на секцијата за железнички сообраќај на ЕТФ на кој во својство на претставници на СТВ учествуваа и Горан Весков и Славе Наумовски што е прво учество на Македонски синдикат во работата на секцијата.
Состанокот започна со излагањата на претставниците на работодавците од Хрватските железници од кои најзначајна беше презентацијата на Извршниот директор на ХЖ Карго г – динот Иван Лешковиќ која се однесуваше на претстојната приватизација на компанијата и во која меѓу другото беа изложени и проблемите со кои многу скоро ќе се соочат вработените на оваа компанија. Имено со приватизацијата е предвидено покрај планираното отпуштање на повеќе од една третина на вработените и проширување на на работните обврски на вработените кои ќе останат на работа така што е предвидено машинскиот персонал (помошниците и машиновозачите) да извршуваат и транспортно комерцијални работи како што се попис на возовите и подготовка на возопридружните документи, додека вработените од прегледната служба ќе ги обавуваат и маневраските работи во попатните станици.
Сепак во дебатата беше нагласено дека конечниот број на технолошки вишок и социјалниот пакет ќе бидат утврдени во договор со синдикатите.
Понатаму на состанокот се пристапи кон избор на член на Управниот одбор на секцијата при што за нов член на Одборот едногласно беше избран Кристијан Лорх од ЕВГ Германија.
Во продолжение на состанокот на секцијата расправаше за промените кои ќе ги предизвика примената на директивите од четвртиот железнички пакет со кои ќе се предизвикаат значајни промени во сертифицирањето на превозниците и во регулативата за доделување на ПСО договорите. Во врска со претходното Секцијата ги усвои заедничката декларација на ЕТФ и Заедницата на Европските железници за социјална заштита на вработените во случај на тендерирање на превозот на патници и текстот писмото до Комесарот за транспорт Сим Калас во кое ЕТФ ја изразува својата позиција во однос на заканите по безбедноста на железничкиот сообраќај кои произлегуваат од понатамошните реформи на железницата во Европа.
Како дополнителен заклучок од дебатата произлезе констатацијата дека со оглед на тоа што примената на 4 железнички пакет е блиска реалност, ЕТФ треба да ја зајакне својата соработка со Европската железничка агенција особено имајки ги во предвид надлежностите кои се предвидени на Агенцијата во однос на безбедноста.
На крајот од состанокот беа поднесени извештаите на претставниците на младите и жените во Секцијата. По усвојувањето на извештаите Претседателот Гривелдинг го затвори состанокот и следниот состанок го најави за Март 2014 год.