СИНДИКАТ ЗА ТРАНСПОРТ И ВРСКИ

Ние ја движиме Македонија

ЕТФ И ЦЕР ВО ПОСЕТА НА СОЦИЈАЛНИТЕ ПАРТНЕРИ ВО МАКЕДОНИЈА

Скопје 30,01,2014 Социјалниот дијалог и условите за работа на синдикатите во железницата се на релативно задоволително ниво беше општата констатација на состанокот на социјалните партнери кој се одржа во просториите на ЈП МЖ ИНФРАСТРУКТУРА – Скопје и на кој покрај претставниците на ЦЕР и ЕТФ беа присутни претставниците на менаџерските тимови на двете железнички претпријатија и претставници на железничките синдикати членки на ЕТФ.
На состанокот се расправаше за Условите за функционирање на компаниите во контекст на економската ситуација во Државата, условите за работа, структурите на синдикатите проширувањето на ЕУ и очекувања од Европскиот социјален дијалог.
На почетокот на состанокот Сабине Триер и Жан Пол Премон ги претставија структурата и активностите на организациите кои ги претставуваат, поттикнувајки го при тоа интересот на присутните за поголема соработка со ЦЕР и ЕТФ.
Алмут Шпител од ЕВА Академијата го претстави проектот “Социјалниот дијалог во железниците на ЈИЕ“ и планираните активности за негова имплементација во чиј склоп е и одржувањето на денешниот состанок.
Претставниците на менаџментот ги претставија најнапред двете претпријатија при што од страна на Помошникот Директор за општи работи г – динот Петар Спасовски беше информирано дека во моментот ЈП МЖ ИНФРАСТРУКТУРА - Скопје управува со 926 км железничка мрежа од кои 700 км се отворена пруга на која се наоѓаат 51 станица, додека моменталната бројна состојба изнесува 1342 вработени. Што се однесува до условите за стопанисување во контекст на општата економска ситуација во земјата тој нагласи дека благодарение на кандидатскиот статус на Р. Македонија и користењето на пред пристапните фондови ЈП МЖ ИНФРАСТРУКТУРА – Скопје поминува низ еден голем инвестициски циклус кој се состои од значителни реконструкции и ремонти по должината на коридорот 10, додека работите за доизградба на коридорот 8 се во фаза на подготовка. Долготрајната финансиска криза и недоволниот обем на превоз негативно влијаат на приходите и на двете претпријатија поради што несметаното функционирање на претпријатијата се овозможува со континуирана финансиска поддршка од Владата.
Во продолжение синдикатите ги изнесоа своите гледишта за состојбите во железницата и нивните очекувања од соработката со социјалните партнери, особено во доменот на консултирањето и условите за работа.
Претставници на СТВ и нашите синдикални организации на состанокот беа Љубе Стојковски и Горан Весков и Претседателите на СОРЗОП Славе Наумовски, Синдикална организација на Железничарите при Македонски Железници-Транспорт АД-Скопје Зоран Дионисијев и претставникот на с.о. Влеча на возови. Од нивните излагања ги издвојуваме:
Објаснувањето на структурата на синдикалното движење и системот на колективното преговарање во РМ на Љубе Стојковски. Залагањето за измена и надградба на Колективниот договор на ЈП МЖ ИНФРАСТРУКТУРА во согласност со новонастанатите околности на Славе Наумовски, објавата на за репрезентативност на СТВ на ниво на работодавач во ЈП МЖ ИНФРАСТРУКТУРА – Скопје со што нашите претставници се стекнуваат со право да бидат вклучени во преговорите за измени на Колективниот договор, и дискусијата за текот на преговорите и начинот на меѓусебната координација на синдикатите во процесот на колективното преговарање на Зоран Дионисијев.
На крајот од средбата беше соопштено дека следна активност на Проектот е семинар на социјалните партнери за кој ќе биде потребно да се подготви заеднички извештај за македонскиот железнички сектор.